„Во село Болно, Ресен, ме пречекаа трудољубиви земјоделки, меѓу кои и Фросина Ѓорѓиевска, чија работа е инспирација за понатамошен развој на земјоделството како стопанска дејност која може да придонесе за одржлив развој на руралните средини“, истакна г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата, која во организација на Националната федерација на фармери и Центарот за управување со промени реализира посета на фарма во Преспа и се сретна со десетина земјоделки со кои разговараше за предизвиците со кои се соочуваат и со идните планови за унапредување на нивната работа.

Елизабета Ѓоргиевска се запозна со активностите на Националната федерација на фармери, а за производство на јаболка се информира на фармата на семејното земјоделско стопанство на Фросина и Љупчо Ѓоргиевски во село Болно, Ресен. Сопругата на претседателот имаше можност одблиску да го види начинот на производство и складирање јаболка, при што учествуваше во берба на јаболка.

Ѓоргиевска се сретна и со членовите на семејното земјоделско стопанство Рахела и Пере Транталовски кои се регистрирани оператори на храна, при што тие ги претставија своите производи и преработки од лешници и малини и производство на првиот домашен сок од јаболка (100% јаболко) „Преспино“ (производ кој е дел од интервенциите на НФФ во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области со цел зголемен приход“поддржан од Шведската организација за развој We Effect Europe и Sida.

Рахела и Пере истакнаа дека сите нивни производи се од домашно производство и дека со нив сакаат да влијаат на домашниот пазар за јакнење на свеста за купување и вреднување на домашното производство.
Посетата се реализира во пресрет на Меѓународниот ден на руралната жена.