
„Националната федерација на фармери е наша релација со надлежните институции. Преку членувањето во НФФ земјоделците не само што се едуцираат, посетуваат саеми и се во тек со современите текови, туку преку организацијта допира нашиот глас до креаторите на земјоделските политики“, вели Деан Филов
„Уште од 4то одделение се занимавам со земјоделие и немам намера да го завршам ова, иако има моменти кога се разочарувам, но никогаш не сум помислил да продадам нива- напротив купувам уште земја“, вели 43-годишниот Деан Филов, кој заедно со сопругата, 36-годишната Елизабета и трите деца – (едно на 14 години и две на осум годишна возраст), секојдневието го посветуваат на нивните градинарски култури во валандовско село Јосифово. Одгледуваат зелка, прокељ, јаболка, диња, пченка- шеќерац и други градинарски култури. Плодовите им носат заработувачка, вели Деан, иако со ковид кризата работите се променија, сепак не се откажуваат и се упорни да произведат и продадат што повеќе.
Инаку на Филеви секој ден им почнува во 5 наутро, а работат и по 20 часа. На есен се работи по околу 8 часа, а во зимата е берењето и пакувањето. Обврските се поделени.
– Јас сум повеќе по наводнувањето, татко ми е за овошките, а за тракторот сме и јас и тој. Женскиот дел од семејството е за сеење, садење и пакување. Дечињата разнесуваат табли, и сите имаме задолженија, нагласува Деан.
-Лани направивме ладилници, оти со корона-кризата се покажа дека после бербата и пакувањето продажбата не оди како што одело, туку се е намалено и не се продава лесно. Затоа опцијата е да се чуваат плодовите во ладилници за да може да не скапаат и да се продадат и до еден месец. Тоа е нашата борба, вака сами се бориме и ако мене ме прашате не треба да има субвенции-, вели Деан.
Филови имаат околу 15 хектари земја, а ладилниците од лани за нив се предност во однос на конкурентите, оти ќе можат нормално да си работат, а плодовите да ги задржат до продажбата. Меѓу другото извезуваат зелка и карфиол најповеќе во Русија, не директно туку преку фирмите што од нив откупуваат. Исто така и за Шведска извезуваат од родот ајзберг.
-Порано најмногу произведувавме за домашен пазар ама сега ако нема извоз, на пример, за зелката ќе настане хаос- , нагласува Деан.
Тој потенцира дека оваа година за време на корона кризата за 70 проценти падна цената на зелката, па пола од зелката остана на нивите. Луѓето одвај ја продаваа.
-Порано зелката одеше по 12 денари и нагоре, а сега падна на 6 денари по кило. Во ваква ситуација му треба помош на земјоделецот, а не кога има пари. Предлагам да се укинат сите субвенции и кога навистина има потреба да му се помогне на некого – тогаш, ако не му треба помош -значи сам ќе си сработи-, смета Деан. Додава дека не е тешко надлежните да унифицираат правило дека ако на пример на лозарите, градинари или други не им се продаваат плодовите – треба да има минимална цена и тука државата ќе интервенира со субвенции , а ако им се продава по таа или над одредената цена тогаш субвенции не им требаат.
Деан нема намера да стави крај на оваа негова егзистенцијална определба.
-„Тикви сади бостан бери“ е старата таткова реченица, тој беше еден од првите бостанџии во крајот-, се присетува Деан.
Stay In Touch